 |
Појавувањето на овој веб магазин е резултат на добрата соработка што Македонската берза ја остварува со Проектот на УСАИД за деловно опкружување во Република Македонија. Идејата за покренување на магазинот произлезе од настојувањата на Македонската берза за продлабочување на активностите за информирање и едуцирање на пошироката јавност за прашања од областа на пазарот на хартии од вредност и корпоративното управување. Македонската берза и Проектот на УСАИД за деловно опкружување во Република Македонија ќе направат напор во наредните шест месеци веб магазинот да прерасне во добро организиран извор на значајни и интересни информации, презентирани на начин кој ќе биде приемчив за нивните корисници. Содржините во магазинот ќе опфаќаат прегледи за неделните движења на позначајните светски и регионални берзи, а ќе бидат објавувани и информации за актуелни настани од пазарите на капитал. Магазинот ќе се ажурира на неделна основа. Со оглед на ограничените ресурси, но уште повеќе поради самиот карактер на основната дејност на берзата, овој веб магазин не може и не претендира да претставува конкуренција на посериозните комерцијални потфати од слична природа. Очекуваме дека информациите од веб магазинот ќе стигнат до вистинската публика. Ќе бидеме задоволни ако македонската инвестициска заедница, претставниците на финансиската индустрија, медиумите, луѓето професионално ангажирани во сфери блиски или поврзани со настаните на пазарите на капитал, но и вкупната јавност, го препознаат овој портал како корисно четиво и како лесно достапна дестинација која обезбедува бројни новости од светскиот, регионалниот и домашниот пазар на капитал, како и новости од областа на корпоративното управување.
|
 |
|
|
Контакт информации:
Македонска берза АД, Скопје
Ул. Орце Николов бр.75
Телефон: (02) 3122 055
Факс: (02) 3122 069
Е-маил:mbmonitor@mse.org.mk
|
 |
|